Наградата „Прозарт”, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2022 година и припадна на големата македонска писателка Оливера Николова.
Николова ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, па затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па сè до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија туку и на Балканот, им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината.
Оливера Николова е родена во 1936 година, во Скопје.
Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија.
Пишува за деца и за возрасни.
Попознати дела за деца, меѓу дваесетината издадени, се: Зоки Поки, Земја во која не се стигнува (Награда на РТВ и Струшки вечери,1966), Пријателите Бон и Бона (Награда на РТВ и Струшки вечери,1975), Мојот звук (Награда 'Младо поколење',1978), Девојките на Марко, Љубоболки, Шифри на каменот, Преминот не е осветлен, Светлосна година, и други.
За специјални постигања во современиот израз на литературата за млади, во 1983 година ја добила Змаевата награда.
Нејзини дела за возрасни се:
Книгите раскази: Ден за летување и Лева комора; комедијата Сребреното јаболко; книгата со драмски текстови под наслов Сребреното јаболкo; романите: Тесна врата (Награда 'Стале Попов',1983), Домашни задачи, Тромбот, (Награда Стале Попов 1998, којашто ја вратила), Адамовото ребро (Награда 'Рациново признание',2000), Вежби за Ибн Пајко, Куклите на Росица (награда 'Роман на годината' на Утрински весник, за 2004 год.), Белиот чад, Куќичка (2012, номинирана за наградата „Балканика“ 2011), Кадифената покривка - новелети за жени убијки (добитник на наградата 'Стале Попов' за 2015 г.), Пешаци по црни полиња и Песот со тажен поглед (награда 'Роман на годината' за 2019 год.).
